29 МЛАДИ ТАЛЕНТИ НАСТАПУВААТ НА МУЗИЧКИТЕ ФЕСТИВАЛИ “ТРА ЛА ЛА КИДС” И “ТРА ЛА ЛА БИТОЛА”

Во рамките на фестивалот “ТРА-ЛА-ЛА Кидс” на 27 ноември ќе се одржат два концерти со почеток во 10 и во 12 часот во Големата сала на Центарот за култура во Битола каде со 13 музички нумери ќе настапат талентирани деца на возраст од 5 до 8 години. На 28 ноември, исто така во Големата сала на Центарот за култура во Битола ќе се одржи фестивалот “ТРА-ЛА-ЛА Битола” каде на два концерти со почеток во 10 и во 12 часот ќе настапат деца на возраст од 9 до 13 години.

Двата фестивали се во организација на Здружението за аудио визуелна уметност “БТ Фест”. Автор на текстовите е Кристијан Габровски. Аранжманите и музиката се на Тони Алексовски и Кристијан Габровски.

За најдобрите учесници на двата фестивали се предвидени прва, втора и трета награда, како и специјална награда од директорот на фестивалот Тони Алексовски. Наградите ќе бидат доделени на Гала концерт на 28 ноември во Големата сала на Центарот за култура во Битола со почеток во 19 часот.

Фестивалот “ТРА ЛА ЛА” годинава одбележува 15 годишно успешно егзистирање на музичката сцена. Воедно, фестивалот е успешен промотор на Македонија и македонската култура ширум светот бидејќи досега фестивалот “ТРА ЛА ЛА” е претставник на Република Македонија на голем број меѓународни фестивали и арт-манифестации, каде се освоени голем број награди, и тоа на “Еуростарс” во Малта, “Орошке звездице” во Словенија, “Док тече Лашва” во Босна и Херцеговина, ”Златна рибка” во Бугарија, “Сан Ремо –јуниор” и “Сан Ремо” во Италија, “Славјански Базар” во  Белорусија, “Златни микрофон” во Хрватска, “Орфеј” во Венеција, “Златни дани” во Србија, “Шанс” во Данска, “Ти амо” во Романија, “Катјуша” во  Русија, “Бледски микрофон” во Словенија, “Најсветла звезда” во Турција, “Кукуричек” во Хрватска и други фестивали и детски манифестации ширум светот.