И денешниот петок, како ден на средби на градоначалникот на Општина Битола, м-р Наташа Петровска со граѓаните од општината, беше исполнет со многубројни разговори за проблемите со кои секојдневно се соочуваат граѓаните. Се разговараше и за повеќе предлози од граѓаните, се доставуваа, идеи и сугестии, а се бараше и одговор на повеќе поставени прашања.
Денешниот отворен ден за средби на градоначалникот со граѓаните на Општина Битола, посебно го одбележа средбата со претставници на Женскиот ракометен клуб „Пелистер 2012“ од Битола, на која се разговараше за перспективите на женскиот ракомет во градот. На состанокот со претставниците на клубот, беше договорено, општината и понатаму во рамките на своите можности, да го поддржува развојот на женскиот ракомет во Битола.
Ракометарките на градоначалничката и подарија дрес од ЖРК „Пелистер 2012“ кој го носи нејзиното име и бројот 18, притоа преку овој број симболизирајќи го датумот на нејзиното раѓање, а со тоа и големото значење на нејзината поддршка за напредокот на женскиот ракометот во општината.