Доделени четвртоноемвриските награди

Со хуманост, љубов, желби за понатамошен развој и постојан напредок, градоначалничката на општина Битола, на Свечената академија по повод ослободувањето на градот, на своите сограѓани им посака живот исполнет со добри дела во градот кој ќе зрачи со конзулски и космополитски сјај.

Опишувајќи ја својата визија за општината, Петровска посака отворање на Битола кон светот и влез на светот во Битола. Со стиховите „за Солуна, за Стамбола, Битола не давам“, градоначалничката ја нагласи својата понатамошна заложба кон реализација на проекти со кои Битола ќе биде дом за сите битолчани, а особено за младите генерации кои тука ќе ги реализираат своите соништа.

Градоначалничката на општина Битола м-р Наташа Петровска, одлучи годинава, средствата наменети за свечениот коктел, да ги замени со донација од 30 000 денари за Центарот за деца со аутизам во Битола. Согласно одлуката на Управниот одбор на Фондот за наградата „4 Ноември“донесена на седницата одржана на 13.10.2017, на Свечената академија во Народниот театар во Битола, беа доделени и четвртоноемвриските нaгради. Едногодишните награди им беа доделени на: Д-р Васо Радивојевиќ, вработен во ЈЗУ Клиничка Болница „Д-р Трифун Пановски“-Битола, заради достигнувања од областа на здравствената заштита, воведување најнови иновации при лекување и спасување на животите кај ургентно болни пациенти – поконкретно методата за безболно давање инјекции и инфузии во коска. Овој метод го применил со успех за прв пат на Балканот и кај родилка со успешно породување.

Драган Најденовски – самостоен ликовен уметник, заради неговата огромна ангажираност на полето на ликовниот живот во Битола. Во последната година со своите дела учествувал на 17 ликовни изложби – колективно, самостојно, како и учество на реномирани ликовни колонии. Менка Николовска, заради остварувања од областа на хуманоста и филантропијата, за повеќе хумани дела: донација на аудио библиотека при Универзитетската Библиотека Св.Климент Охридски Битола, донација за изградба на мостот Св.Ѓорѓија во населба Јени Маале, донација во затворот во Битола, донација во домот за стари лица во Битола, поддршка во Центарот за деца со аутизам, донација во ОУ Ѓорги Сугарев – Битола за деца со посебни потреби, донација во храмот Св.Никола и голем број на други хуманитарни дела и донации.

Управниот одбор на Фондот за наградата „4 Ноември“ на седницата одржана на 13.10.2017 година, донесе Одлука Општинската награда „4 Ноември“ за животно дело му се додели на: Проф. д-р Трајко Огненовски познат универзитетски професор, докажан научник и лингвист, личност кој повеќе од 50 години е присутен со своите научни, лингвистички и стручни трудови, личност со голем придонес во македонската јавност, како и во образовниот процес во високата образовна научна установа „Педагошки Факултет“ Битола. Од името на наградените се заблагодари ликовниот уметник Драган Најденовски. За уметничката програма се погрижи мешаниот хор при КУД Стив Наумов од Битола.