На покана на Европската фудбалска федерација (УЕФА), претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, вечерва присуствува на свеченоста за високите гости, по повод одржувањето на фудбалскиот спектакл – финалето на Супер купот на УЕФА.
Премиерот Заев на приемот за добредојде на гостите се задржа во куси разговори со водечките функционери на двете фудбалски федерации – европската и светската, како и со членовите на управите и стручните штабови на двата клуба, учесници во УЕФА Суперкупот, Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, изрази уверување дека се создадени сите услови овој врвен спортски настан да се одржи во најдобра атмосфера и дека Република Македонија и Скопје како домаќини, ќе ги оправдаат довербата и очекувањата и дека го заслужуваат вниманието на светот кое денеска и утре е свртено кон спортското одмерување на сили на фудбалските ѕвезди од Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид.
Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин му се заблагодари на премиерот Зоран Заев и на Владата на Република Македонија за комплетната поддршка во организација на финалето на Супер купот.