По повод одбележувањето на стогодишнината од Првата светска војна, амбасадорите на Франција и на Алжир во Македонија, организираа на 8 јуни 2017 година, комеморација за битката кај Битола од 18 мај 1917 г. Настанот се одржa на Француските воени гробишта во Битола и со оваа комеморација се одбележa споменот за војниците кои загинале за Франција на Источниот фронт. Помеѓу тие војници, многумина биле по потекло од Алжир.
Кон крајот на 1914, на Запад, како и на Исток, состојбата на фронтот на Големата војна била непроменета. Тогаш, Винстон Черчил предложил да се помине во офанзива на Константинопол, преку Протокот на Дарданелите. Сепак, таа офанзива доживеала неуспех, а влегувањето во војна на Бугарите во септември 1915 година претставувало нова закана за Србија. Тогаш Франција одлучила да почне нова операција за поддршка.
На 5 октомври 1915 година војниците на Француската источна Армија се истовариле во Солун. По првичното напредување кон север во регионот на Градско, бугарските сили ја принудиле Источната армија и нејзините српски и англиски сојузници да се повлечат во ноември 1915 година во правец на Солун.
Во 1916 година Француската армија повторно го освоила градот Битола, но тој и понатаму бил гранатиран од бугарската артилерија од правец на Планината Баба. Во пролетта 1917 година, Франција започнала офанзива, но таа резултирала само со убиствени борби. На 18 мај, бугарските топови ја гранатирале областа наречена “Црвена Скала”. Во борбите учествувале 6.000 војници кои припаѓале главно на полкови од Алжир и составени од Алжирци или Французи родени во Алжир. Загубите биле страшни. Голем број од тринаесетте илјади војници погребани на Француските воени гробишта во Битола загинале на 18 мај 1917 година. Преживеале само 259 војници.
Комеморативната церемонија за битката кај Битола го нагласува значењето на Источниот фронт во Првата светска војна. Таа претставува можност да се потсетиме на учеството и улогата на војниците од Алжир во тие смртоносни борби.Одбележување на 100 години од Битката за Битол