Заев: Ќе предводам реформска Влада, заснована на економија, силни институции и правда

„Ќе предводам реформска влада, заснована на три клучни темели: економија, силни институции и правда“, порача мандатарот Зоран Заев на седницата за избор на нова влада.

Тој додаде дека интеграциите ЕУ и НАТО остануваат помеѓу приоритетите на реформите на владата. „Ќе работиме чесно и посветено, исклучиво за потребите на граѓаните. Програмата е доставена до Собранието, таа ќе биде предмет на дебата овде и кај граѓаните. Она што е напишано, ќе биде завет за нас дека ќе работиме да го исполниме. Во составувањето на програмата се водевме според принципите прифатливи за сите граѓани“, рече лидерот на СДСМ.

Додаде дека Македонија ќе биде држава на сите граѓани и дека ќе се настојува да се обезбеди стабилност за сите. „Нашата цел е преговори со ЕУ и НАТО во најбрз можен рок, потоа раст на економијата и раст на платите. Минималната плата на работниците, законски ќе ја зголемиме на 12 илјади денари, а ќе се однесува на сите. Наша цел е 16 илјади денари плата до крајот на мандатот. Приоритет е поддршка на малите и средните претпријатија, кои ќе немаат притисоци. Паралелно ќе работиме на намалување на трошоците на животот, ќе ги зголемиме семејните буџети“, додаде тој во своето обраќање.

Заев порача дека ќе заврши времето на партискиот реваншизам. „Сакам да порачам дека е доста од реваншизми и партиски отпуштања. Никој да не чувствува страв за своето работно место. Ќе го решиме проблемот со јавните службеници, кои земаат плата а не работат. Клучна цел за социјалната политика е намалување на сиромаштијата. Пензиите ќе се усогласуваат според трошоците за живот, посебно ќе посветиме внимание младите да останат и работат во Македонија“, рече Заев.

Најсериозните реформи ќе бидат направени во судството, а институциите ќе работат професионално и независно, рече мандаторот. „Институциите да работат независно и професионално, за граѓаните да знаат за што се наменети парите. Сите одлуки ќе ги носиме со граѓаните и граѓанските здруженија. Се обврзавме дека ќе имаме независно судство и јавно обвинителство, затоа ќе има реизбор во судството според познати светски стандарди. Ќе формираме специјално одделение во основниот суд“, потенцираше Заев.