Претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање до јавноста, образложи дека нема да го даде мандатот на никој кој преговара за формирање Влада преку уцени за Македонија со постизборни туѓи реформи.
„По изборите бевме непријатно изненадени од една Платформа изработена во туѓа држава. Со неа Македонија е уценета, а нејзината сувереност и унитарност е загрозена. Поради оваа платформа заглавуваме во уште поголема криза. Очекував дека одредени политички партии ќе одбијат да зборуваат за таква постизборна туѓа платформа, но, за жал, се заговараше за разнебитување на Македонија’, рече Иванов.
Тој појасни дека преговарањето за платформа од туѓа држава е противуставно и е казниво, оти претставува закана за Македонија.
Од меѓународната заедница побара да ја осуди таквата туѓа платформа, нешто што се случувало за други држави, но „за жал во случајот со Македонија такво јавно осудување немаше“.
„Штом меѓународната заедница се воздржуваше од осуда, треба да се воздржи и од наметнување решение“, рече Иванов.
Претседателот рече дека совеста, законите и Уставот на земјата не му дозволуваат да го даде мандатот на секој оној што ќе ја доведе Македонија во потчинетост и зависност од друга држава.
„Туѓи постизборни реформи не можат да бидат основа за формирање Влада“, рече Иванов.
Платформата на албанските партии во Македонија беше донесена по средба на челниците на ДУИ, БЕСА и Алијанса за Албанците, со албанскиот премиер Еди Рама и со косовскиот претседател Хашим Тачи.
„Постигнување целосна јазична еднаквост, употребата на албанскиот јазик на сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена како фундаментално и уставно право. Уставот на Република Македонија треба да утврди дека македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија. Сеопфатна дебата за знамето, химната и државниот грб на Република Македонија, со цел државните симболи да ги рефлектираат општествената мултиетничност и етничката рамноправност“, пишува во албанската платформа.
Од Иванов се очекуваше да го даде мандатот на Зоран Заев, лидер на опозициската СДСМ, кој успеа во минатиот период да обезбеди потребни потписи од мнозинство пратеници, услов поставен токму од претседателот, откако првиот мандатар, по одржаните избори на 11 декември, Никола Груевски, лидер на ВМРО-ДПМНЕ, не успеа да состави влада во законски определените 20 дена.
Заев ги доби потписите од пратениците на ДУИ, БЕСА и Алијанса на Албанците, за да го добие мандатот, а ДУИ чекаше тоа да се случи за да свика Централно претседателство, на кое ќе одлучи дали ќе влезе во Владата на Заев или ќе делува од опозиција.
Попладнево, медиумите јавија дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е на средба со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во седиштето на партијата на социјалдемократите.