Во Македонија и Босна и Херцеговина во недела ќе бидат одбележани 13 години од смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа кај Ротимље во близина на Мостар.
Во Скопје, во Алејата на великаните на Градските гробишта во Бутел цвеќе на гробот на Трајковски ќе положат членови од семејството на претседателот, повеќе делегации и граѓани. Годишнината од смртта на претседателот Трајковски ќе биде одбележана и пред платото на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
Во авионската несреќа што се случи на 26 февруари 2004-та година загина претседателот на Република Македонија Борис Трајковски и осумчлена македонска делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар.
За несреќата која се случи во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи, во близина на Мостар, за причините за падот на „кингерот“, за тоа дали се случила авионска несреќа или било „тероризам“, од тогаш досега беа изврешени две истраги и објавени два извештаја, на две комисии со кои раководеа Салко Бегиќ и Омер Кулиќ, а во кои учествуваа и македонски експерти.
И во двата извештаја, кои се разликуваат, сепак, како причина за падот на „кингерот“ се наведуват пилотски грешки и други индиректни системски пропусти.
Во извештајот на Кулиќ се наведува дека агенцијата за цивилна воздушна пловидба на Македонија издала дозвола за авионот без потребна документација, а авионот не бил соодветно одржуван.
СФОР направил процедура за слетување во Мостар каде морало да се користи радар, а радарот претходно бил расклопен и однесен од аеродромот. Босанските воздухопловни власти издале дозвола да се користи таа процедура за слетување поради што „кингерот“ со Трајковски при несреќата воопшто не бил следен од земја со радар.
Не работела црната кутија за снимање на параметрите на летот и била застарена, а не бил функционален ниту уредот за лоцирање на авионот по уривањето. Тоа било доказ за истражителите дека СФОР крие нешто затоа што сигналот неисправниот уред го пријавиле како причина поради која е лоциран авионот.
Контролорите на летање од францускиот контингент воопшто немале регуларни сертификати за својата функција и не биле достапни за истрагата цели две недели по несреќата.
Владиниот „кингер” со којшто патуваше претседателот Трајковски, кој требаше да стигне на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина на 26-ти февруари 2004-та година се урна во близина на Мостар.
Беше предвидено авионот да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот.
Во несреќата покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан – Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерство за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето, и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Сомнежите за смртта на претседателот остануваат, а уште кога падна авионот имаше очевидци кои тврдат дека дека хеликоптери надлетувале над Столац, местото на несреќата и дека не се дозволува пристап до местото.
Борис Трајковски беше инаугуриран на 15-ти декември 1999-та година, наследувајќи го Киро Глигоров. Како претседател беше посветен на демократски идеали и на евроатланската ориентација на Република Македонија, а значаен е неговиот придонес во надминување на воената криза од 2001-та година.