Претседателот на ДУИ Али Ахмети во петокот се сретна со британскиот министер за Европа и за Америка, Алан Данкан, при што од страна на британскиот дипломат беше изразена поддршката на Велика Британија за стабилна и напредна Македонија, истакнувајќи дека решавањето на ситуацијата се наоѓа во рацете на локалните политички партии, соопштуваат од ДУИ.
Ахмети го запозна Данкан и за денешниот состанок на Централното претседателство на ДУИ каде ќе се разговара за можностите и опциите на партијата, имајќи во предвид изборниот резултат, вклучувајќи ја и можноста ДУИ да остане во опозиција, се вели во соопштението од партијата.
Ахмети истакна дека во донесувањето на својата одлука ќе ја зема предвид волјата на гласачите на ДУИ, Албанците, но и очекувањата на граѓаните и меѓународните пријатели. Земјата се наоѓа пред многу предизвици и ДУИ ќе игра конструктивна улога, додаваат од партијата.
Ахмети на средбата нагласи дека изборите во земјата беа демократски и веродостојни, така што произведоа тесен и многу предизвикувачки резултат за политичките партии.
Лидерот на ДУИ истакна дека заокружувањето на Охридскиот договор, владеењето на правото како и евроатланската интеграција се предуслов за стабилноста и безбедноста во земјата и побара поддршка од Лондон за членство на Македонија во НАТО.
Ахмети изрази голема благодарност за улогата на Велика Британија во земјата и во регионот нагласувајќи ја 16-годишната соработка со официјален Лондон и говореше за улогата и големиот придонес на армијата и британските власти за мирот и стабилноста во земјата, велат од партијата.