СЕ РЕКОНСТРУИРА СПОРТСКАТА САЛА МЛАДОСТ

Со реализацијата на крупни инвестиции во спортските објекти, финансирањето на фудбалскиот, ракометниот, кошаркарскиот клуб, поддршката на другите спортови, општина Битола, ја потврдува својата заложба за Битола спортски град. Резултатите на клубовите, како и инфраструктурните активности на терен, најавуваат уште подинамични активности во оваа област.

„Во Спортската сала „Младост“ веќе се работи на покрупни зафати. Во проектот за реконструкција побаравме услови за меѓународни натпревари. Во таа смисла, три реда од гледалиштето се скратени, проширен е теренот за играње, што значи сега, спортската сала „Младост“, ќе ги исполнува сите услови за меѓународни натпревари. Тоа е многу значајно за нас. Потполно ќе се промени паркетот, гледалиштето ќе се реновира, имаме набавка на 3600 седишта, од кои 20% ќе бидат резерва, а другите ќе се постават во гледалиштето. Ќе имаме нов подвижен семафор, а во следната фаза и реконструкција на соблекувалните. Вредноста е над 15 000 000 денари. Неодамна, го завршивме и проектот БИОФОС во партнерство со нашиот пријател од Грција општина Аминтео, кој се однесува на загревање на спортската сала со котел на пелети, а вредноста на тој проект е 135 000 евра. Котелот е веќе поставен, а поставена е и мини пелет линија во ЈП Комуналец. Што значи вкупната инвестиција во моментот во спортската сала изнесува над 400 000 евра“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.

Градежната фирма која врши реконструкција на спортската сала „Младост“, активностите треба да ги заврши согласно договорениот рок, до средината на месец март. На денешната прес конференција, градоначалникот потсети и на проектот кој ќе се реализира од страна на Владата на Република Македонија, а се однесува на изградба на спортски комплекс на просторот на некогашната касарна и истиот ќе содржи: голема спортска сала, мала сала со капацитет од 500 седишта, модерен затворен пливачки базен, гимнастичка сала, сали за боречки спортови. За потребите на спортскиот комплекс ќе биде изграден и паркинг-простор.

 

7