Градоначалникот на општина Битола и оваа година заедно со Дедо Мраз, посети повеќе институции за згрижување на деца, меѓу кои и Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор и глас, Домот за доенчиња и мали деца, како и Дневниот центар за деца со посебни потреби. Подарувајќи им новогодишни пакетчиња градоначалникот, им посака најубави желби да ги следат во новата година и претстојните празници:
„Традиционално и оваа година ги посетуваме институциите во кои што има дечиња, со цел да им ги честитаме новогодишните празници, да им поделиме новогодишни пакетчиња, да им подариме љубов и внимание, затоа што соодветното уважување е поважно од она што симболички им го подаруваме. Им ја честитам, новата година, им посакувам 2017 да биде многу поубава од оваа 2016 во која што нема сегмент кој што не изостави, за жал во негативна смисла. Од временски непогоди, земјотреси, поплави, до политички кризи, притисоци кој што се одразија во севкупното општествено живеење на сите наши сограѓани. Во секој случај, мислам дека децата не се виновни за ништо и во тој контекст сите треба да се потрудиме животот да им го направиме поубав, потопол, за да пораснат во идни наши сограѓани кои што ќе одлучуваат за важни прашања во нашата татковина“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Покрај во овие институции, градоначалникот на Општина Битола, им подари новогодишни пакетчиња и на: Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух „Кочо Рацин“, специјалната паралелка при ОУ Ѓорѓи Сугарев, Здружението на деца со церебрална парализа, Здружението на глуви и наглуви, НВО Баирска светлина, НВО Ревита, НВО Еднакви крила, како и невладините „Аманает“, „Емануел“, „Сумнал“ и други.