Министерот за одбрана Зоран Јолевски, во средата во Домот на АРМ оствари работен ручек со дел од поранешните министри за одбрана, на која ги информираше за активностите на Министерството во 2016-та година, како и степенот на реализација на проектите чија основна цел е унапредување на стандардот на припадниците на АРМ.
Во таа насока, министерот се задржа на процесот на модернизација на Армијата, планираните набавки како и потребната опрема, која, посочи, е согласно сите стандарди на НАТО-алијансата. Министерот додаде дека станува збор за најголемиот процес за модернизација досега и дека тоа во голема мера ќе влијае на опременоста и интероперабилноста на Армијата со армиите на земјите-членки на НАТО.
Македонија работи напорно на исполнување на стратегиската цел – членство во НАТО. Воедно, продолжуваме и со придонесот кон глобалниот мир и безбедност, преку континуираното учество во мировните мисии предводени од НАТО, Обединетите Нации и Европската унија.
Министерот додаде дека Македонија е исклучително активна на регионално ниво, а пример за тоа е фактот дека оваа година Скопје и Македонија станаа постојано седиште на Балканските медицински наменски сили, во периодот од 2020-2026 година ќе бидат домаќини на Бригадата на Југоисточна Европа, а во текот на 2017 година во Македонија ќе се организираат конференциите на министрите за одбрана и на началниците на Генералштаб на земјите-членки на САД-Јадранската повелба.
На средбата Јолевски и поранешните министри за одбрана разговараа и за геополитичките поместувања во регионот и во Европа, а разменија и искуства и ставови во однос на развојот и реформите во одбраната во наредната, 2017-та година.