Убиството на рускиот амбасадор во Анкара и нападот со камион во Берлин немаат никаква врска со религијата, туку имаат поврзаност со економијата, односно парите, тврди генералниот секретар на италијанската бискупска конференција, Нунцио Галантино во разговор за „Corriere della Serra“.
Сепак угледниот италијански бискуп Нунцио Галантино, тврди дека ниту еден од нападите не е поврзан со религијата, туку има допирна точка со парите.
„Овие наводи се сведуваат на себичност и опсесија. Војните им одговараат на оние кои се на власт и кои имаат пари, војните се идеални за оние кои тргуваат со оружје. На крајот најголемата цена ќе ја плати обичниот народ“, рекол Галантино.
Италијанскиот бискуп, исто така тврди, дека она што се случува нема врска со судирот на цивилизациите, односно не се работи за војна помеѓу христијанството и исламот.
„Не, ова не е судир на цивилизации. Воопшто не верувам дека станува збор за тоа. Овој судир го поттикнуваат оние на кои тоа им одговара, а веќе кажав кои се тие. Вулгарноста и агресивноста во говорите прават клима која го извлекува најлошото од луѓето. Ова е удар врз нашиот мирен соживот. Погледенте што пишуваат медиумите, или што се пишува по социјалните мрежи. Омразата се шири како вирус и мора да ставиме крај на тоа“, заклучил бискупот Галантино.