Заев очекува Иванов да го даде мандатот на коалицијата со 61 пратеник

Лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, очекува претседателот Ѓорге Иванов мандатот да го предаде на претседателот на партија кој ќе обезбеди мнозинство од 61 пратеник во Собранието.

„Член 90 од Уставот на Република Македонија е јасен, тоа вели дека Претседателот на Република Македонија го доделува мандатот на оној претседател на партија, на политичка партија или политички партии, коалиции коишто ќе докажат дека имаат мнозинство во Парламентот. Тоа значи минимум 61 пратеник“, рече Заев, во вторник пред судот, по одложувањрто на рочиштето за случајот „Поткуп“, во кој тој е обвинет дека барал по две евра од квадрат за приватизирање на земјиште од изнисменот Иван Николов.

Заев прашан какви се неговите очекувања од Управниот суд, по тужбите поднесени од неговата партија за изборни нерегуларности, рече дека немам ниту позитивни, ниту негативни очекувања.

„Јас сум должен како една од политичките страни која што ја претставувам, да барам институциите да си ја завршат својата работа. Како тие ќе одлучат тоа е нивно право согласно закон и слично“, рече Заев.

На констатацијата дека континуирано обвинува дека „Пуч“ намерно се одложува, меѓутоа случајот „Поткуп“ неколку пати се одложува на негово барање, Заев вели дека е транспарентен и секогаш ги кажувал причините зошто.

„Денеска сум овде и влеговме во клинч со процесот. Бараме правда. Не можете да бидете вечерта во Струга и во Охрид и сабајлето во 10 да бидете овде подготвен за своја одбрана. Тоа се рационални причини и секако јас денеска изразив благодарност за разбирањето на судот кој што иако закажуваше неколку пати, сепак еве почна процесот „Поткуп“, после завршена кампања“, рече Заев.

Судењето во вторник беше одложено за повеќе од еден месец, по барање на Заев, поради други обврски. Исто така, адвокатскиот тим на Зоран Заев, на судењето за случајот наречен „Поткуп”, побараа јавниот обвинител Владимир Милошевски, од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да биде изземен од натамошно постапување поради тоа што за него Специјалното јавно обвинителство водело повеќе истражни постапки и за повеќе кривични дела, но судот го одби барањето.