Миноски: Она што СДСМ го ветуваше пред изборите, сега го повлече

СДСМ пред изборите, пред само една недела, пред граѓаните ветуваше просечна плата од 30.000 денари, повисока минимална плата, нови вработувања, зголемување на пензиите и тоа не еднаш, туку два пати годишно, а веќе вчера пропагираше отпуштања во јавниот сектор, намалување на платите и кратење на пензиите, изјави членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Миноски.

Тој додаде дека мнозинството на граѓани не поверува на лагите на СДСМ.

„Кога беше на власт, ги скрати пензиите за 8%. Ниту еднаш не ги покачија, а ги скратија за 8%! Пензиите ги исплаќаа на рати, во три групи во месецот. Пензиите постојано доцнеа.
200.000 граѓани беа избркани на улица и останаа без работно место, што значи дека 200.000 семејства беа оставени да живеат во сиромаштија и без средства за егистенција. Стапката на невработеност изнесуваше рекордни 38% во светски размери“, потсети Миноски.

Според него, благодарение на политиките и мерките кои ги преземаше Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ потоа беа искреирани нови 160.000 работни места и стапката на невработеност е сведена на историски најниски 23,4%.

„ВМРО и коалицијата се за раст на платите, на пензиите, на капитални инвестиции, за економски политики кои ќе ја придвижат економијата напред, кои ќе обезбедат економски раст и ќе креираат нови работни места. СДСМ е за рестриктивна економска политика. За кратење на платите и пензиите, за отпуштања, за намалување на потрошувачката, со што ќе предизвика стагнација кои што ќе доведе до нови отпуштања, до продлабочување на кризата а потоа економијата ќе влезе во вртлогот од кој што ќе се најдеме на пат-неповрат“, рече Миноски.