Меркел: Нападот е терористички чин, „особено одвратно“ доколку се покаже дека сторителот е бегалец

Германија мора на нападот во Берлин да гледа како на терористички чин, а ќе биде „особено одвратно“, доколку се покаже дека сторителот на чинот е некој кој во земјата е прифатен како бегалец, изјавила германската канцеларка Ангела Меркел, пренесуваат светските агенции.

„Ужаснати сме, шокирани и длабоко тажни поради суровиот и несфатлив чин. Меѓутоа, Германија нема да живее парализирана од страв поради злото“, рекла германската канцеларка. Во првото обраќање откако човекот за кој што се претпоставува дека е бегалец со камион влета во толпа на божиќен пазар во Берлин и уби повеќе од десет лица, Меркел изјавила дека казната ќе биде најголема.

Таа додала дека освен 12-те жртви има многу лица коишто моментално се наоѓаат во болниците во Берлин и се борат за своите животи. „Малку знаеме со сигурност, но со оглед на познатите информации, мораме да претпоставиме дека се работи за терористички напад. Знам дека за сите нас ќе биде тешко доколку се потврди дека сторителот е лице кое барало заштита и азил во Германија“, додала таа.

Канцеларката додала дека тоа би било „особено одвратно“ поради многуте Германци кои од ден во ден се посветени да им помогнат на бегалците. „Исто така, тоа би било одвратно и поради многумина на кои нашата помош им е навистина потребна и кои се обидуваат да се интегрираат во нашето општество“, рекла таа.

Запрашана околу тоа дали после ова злосторство ќе се промени политиката кон бегалците, таа одговорила одречно, и додала дека планира да се слушне со американскиот претседател Барак Обама и после тоа да го посети местото на нападот.