Шест лица се уапсени во вторникот во рамките на истрагата за убиството на рускиот амбасадор во Анкара во вторникот вечерта, а Русија во Турција испрати 18 иследници кои ќе учествуваат во истрагата.
Агенцијата Dogan пренесува дека шест лица кои биле тесно поврзани со извршителот на убиството Мевлут Мерт Алтинтат, се приведени и задржани во притвор во Ајдин, во западна Турција, од каде што потекнува атентаторот.
Овој 22-годишен припадник на интервентната единица во Анкара, во понеделникот го уби рускиот амбасадор во Турција, Андреј Карлов истрелувајќи во него неколку куршуми на отворањето на изложбата на фотографии во турската престолнина, а чинот на убиството го забележаа камерите и фоторепортерите.
Провладиниот весник Sabah пишува дека напаѓачот го активирал детекторот за метал во уметничката галерија, бидејќи кај себе имал пиштол. Обезбедувањето, меѓутоа, го пуштило да влезе кога им ја покажал полициската значка.
На снимките се кледа како Алтинташ неколку моменти пред нападот стои зад рускиот амбасадор во став како да е негов личен телохранител., Сведоците тврдат дека полицаецот ненадејно му стрелал в грб на амбасадорот кој во тој момент говорел на отворањето на изложбата.
По истрелите напаѓачот извикувал „Алах е голем“ порачувајќи дека тоа е одмазда за сирискиот град Алепо кој со руска помош целосно го зазема изминатите денови силите на сирискиот претседател Башар ал-Асад.
Напаѓачот подоцна е убиен во размена на оган со припадниците на интервентните полициски сили, кои претходно петнаесетина минути се обидувале да го убедат да се предаде.
Одредени турски медиуми во вторникот пишуваат дека убиецот најверојатно е поврзан со мрежата на исламистичкиот клерик имамот Фетулах Ѓулен, кој од 1999 година живее во доброволен егзил во САД, кој е голем противник на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган кој го обвинува за поттикнување на пропаднатиот обид за воен преврат од15-ти јули годинава.
Градоначалникот на Анкара, Мелих Ѓокче, таа можност ја спомена веднаш по атентатот во понеделникот вечерта.
Ѓулен, кој негира каква и да е вмешаност во неуспешниот пуч, изјави во соопштение дека е „вџашен и искрено жали“ поради убиството на рускиот амбасадор.
Групата од 18 руски иследници, агенти на тајните служби и руски дипломати, патува во вторникот за Турција, за да ја спроведат истрагата за убиството на амбасадорот Андреј Карлов, соопшти Кремљ.
„Групата ќе делува во Турција во рамките на истрагата за убиството…., за што рускиот и турскиот претседател се договорија во телефонскиот разговор“, во понеделникот вечерта, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.