Ден по масакрот во Берлин и убиството на рускиот амбасадор то Турција

Во период од само неколку часа светот го потресоа два настани кои би можеле да имаат долгорочни последици. Прво рускиот амбасадор во Турција Андреј Карлов беше убиен додека говореше на една изложба во Анкара, а потоа терорист со камион влета на божиќен пазар во центарот на Берлин и усмрти 12 луѓе.

Рускиот претседател Владимир Путин настанот во Анкара го окарактеризира како провокација, а германската канцеларка Ангела Меркел се уште не се огласила по повод нападот во германската престолнина.

Министерот за внатрешни работи на Турција Сулејман Сојлу изјави во понеделникот дека убиството на рускиот амбасадор Андреј Карлов е „терористички напад на односите на Русија и Турција“.

Сојлу потврди дека атентаторот бил вработен во полицијата на Анкара.

Полицијата во Берлин соопшти денеска наутро дека првичните резултати на истрагата укажуваат на терористички напад – возачот на камионот, кој влета во толпа луѓе, уби 12 и повреди најмалку 48 од нив, тоа го сторил намерно.

Заради атентатот на рускиот амбасадор, Турција и Русија порачаа да се зголеми соработката во борбата против тероризмот, а претседателите на двете земји Реџеп Тајип Ердоган и Владимир Путин се согласија дека целта на нападот е загрозување на турско-руските односи, но и обид да се одложат разговорите меѓу Иран, Русија и Турција во врска со иднината на Сирија, а кои треба да се одржат денеска во Москва.