ЕУ, САД, ОН и останатите го осудија убиството на рускиот амбасадор во Турција

Високата претставничка на Европската унија(ЕУ) за безбедност и надворешна политика Федерика Могерини упати во понеделник вечер изрази на сочувство до рускиот министер за надворешни работи Сергеј лавров, по повод убиството на рускиот амбасадор во Турција Андреј Карлов.

„ЕУ најстрого го осудува нападот против претставникот на вашата земја во Турција. Сакаме да ја изразиме нашата солидарност со Русија во соочувањето со овој криминален насилен чин“, се вели во пораката на Могерини, која упати сочувство и до семејството на убиениот амбасадор.

Рускиот амбасадор беше убиен за време на говор во уметничка галерија од страна на полицаец, кој викаше „не го заборавајте Алепо“.

Нападот го осудија повеќе земји.

„Го осудуваме овој чин на насилство, кој и да го извршил. Нашите мисли и молитви се со него и неговото семејство“, рече Џон Кирби, портпарол на Стејт департментот.

Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон вели дека е „шокиран од веста за убиството на рускиот амбасадор во Турција. Го осудувам овој кукавички напад“.

Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Маизер истакна дека неговата земја останува во борбата против тероризмот.

Силна осуда на убиството на Карлов стигна и од францускиот претседател Франсоа Оланд.

Убиството на рускиот амбасадор го осудија и Обединетите нации(ОН).