Рускиот амбасадор во Турција Андреј Карлов е застрелан во понеделник во Анкара, а починал по половина час откако бил примен во болница.
Турските медиуми јавуваат дека убиецот влегол во галеријата во која имало изложба, велејќи дека е полицаец. Откако го застрелал амбасадорот, мажот во одело почнал да замавнува со пиштолот и со рацете и нешто да вика.
CNN и NTV објавија видео снимка која покажува како Карлов држи говор, кога одекнале истрели. Камерата потоа се свртела и снимила маж во одело и вратоврска како мавта со пиштолот и ја извикува исламистичката фраза „ Allahu Akbar“(Господ е голем) и „Не заборавајте го Алепо“.
Покрај тоа, како што јавува Independent, мажот викал „Ние умираме во Алепо, вие умирате тука“.
За нападот бил информиран и рускиот претседател Владимир Путин.
Сѐ уште се утврдуваат вистинските причини за нападот, но според она што мажот го извикувал, се чини дека амбасадорот бил мета.