Најмалку 49 војници лојални на јеменскиот претседател во егзил Абд Рабах Мансур Хади се убиени во самоубиствениот бомбашки напад во неделата утрото во Аман привременото седиште на меѓународно призната влада на Јемен, соопштија локалните власти.
Во нападот во кој се ранети уште 60 лица, самоубиецот го активирал експлозивот кој го носел на себе кога војниците се собрале да ја подигнат месечната плата во базата ал-Солбан, во предградието ал-Ариш. во близина на Аден.
Аден е привремено седиште на владата на Јемен која ја признаваат арапските сунитски земји и Западот која пребегна во Саудиска Арабија, откако бунтовниците од шиитското племе Хути и нивните сојузници силите на соборениот во 2012 година претседател Али Абдулах Салех, пред две години ја заземаа престолнината Сана.
Нападот во неделата е извршен осум дена по сличниот од 10-ти декември во кој беа убиени 48 јеменски војници исто така при подигнување на платата,
Во четвртокот Ал Каеда, која контролира голема територија во Јемен, што беше и причината за бунтот на Хутите кои го обвинија претседателот Абд Рабах Мансур Хади дека не презема ништо за нејзиното зауздување, се огради од нападот од 10-ти декември, припишувајќи ја одговорноста на „девијантната“ џихадистичката организација Исламска држава, „којашто сака да внесе раздор меѓу јеменските сунитски племиња и Ал Каеда“.
Ал Каеда и Исламската држава го искористија воениот хаос во Јемен за да го прошират своето влијание, заземајќи ново територии кои беа под контрола на владините сили.
Саудиска Арабија во март 2015 година започна воена интервенција во јеменската граѓанска војна за да ги порази побунетите борци на шиитското племе Хути, кои ги поддржува Иран а се во коалиција со војниците лојални на соборениот во 2012 година претседател Али Абдулах Салех. Меѓутоа, досегашните илјадници воздушни бомбардирања во напади на саудиската коалиција не успеаја да донесат резултат и да ги потиснат противниците на претседателот Абд Раба Мансур Хади од главниот град Сана.
Досега загинале 10 илјади луѓе во судирот кој ја погоди оваа сиромашна држава на Арапскиот полуостров откако побунетите племиња ја обвинија централната влада дека не се справува со напредувањето на Ал Каеда.