Ортајли: Архивските документи се од огромно значење за историјата за Македонија

predavanje

Познатиот турски историчар со светско реноме, професорот на Универзитетот „Галатасарај“ во Истанбул Илбер Ортајли, кој минатата недела учествуваше на дводневната меѓународната конференција одржана по повод  јубилејот 70 години од Институтот за историја на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, се осврна на богатата архивска граѓа за Македонија во државните архиви на Република Турција и подвлече дека без истражување на тие архивски документи многу тешко ќе биде да се разбере историјата на Македонија.

Ортајли во овој контакт изрази готовност за посредување во одржување курсеви за изучување на османлискиот јазик од страна на  младите кадри од Македонија во Турција.  „Македонија беше 550 години под османлиска власт и во тој период на овие простори се водеше опширна административна, финансиска и друга евиденција и записи, затоа што таа беше просторно многу блиску до османлиската престолнина и беше административно врзана за неа. Без истражување на тие документи ќе биде тешко да се разбере историјата на Македонија“, истакна турскиот историчар.

На предавањето кое по конференцијата професорот Ортајли го одржа за студентите од катедрата за Историја на филозофскиот факултет на истоимениот  универзитет и  кое предизвика голем интерес,  професорот се осврна на прашањето на османлиската историографија, а на крајот  одговори на повеќе прашања на студентите и истражувачите од областа на историјата.  Одговарајќи на едно од прашањата професорот Ортајли истакна дека називот „Поранешна Југословенска Република Македонија“ е апсурден и дека секој народ има право да си го користи знамето кое ќе го одбере се додека тоа не е имитација на нечие друго.

По предавањето на професорот Ортајли  беше одржана промоција на преводите на македонски јазик на четирите негови книги во издание на издавачката куќа „Алманах“ од Скопје. Историските книги „Повторно откривање на Османлиите“, „Османлиите на три континента“, „Последната империја – Османлиите“ и „Семејството во османлиското општество“ сите во превод на Асуде Абдул Кочан им беа бесплатно поделени на присутните. Овие дела веќе се дел од задолжителната литература за студентите од катедрата за историја на филозофскиот факултет на универзитетот „Кирил и Методиј“.