Груевски: ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува и нема да ги признае резултатите од евентуалното прегласување

 

ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае резултатите од евентуалното прегласување и нема да дозволи институциите во државата да функционираат преку фалсификување на волјата на народот, порача во саботата претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, обраќајки се пред поддржувачите и симпатизерите на партијата кои беа собрани пред претсториите на Државната изборна комисија (ДИК), каде што се разгледува последниот приговор кој беше поднесен од страна на СДСМ во однос на изборните нерегуларности.

Според Груевски, Извршниот комитет на партијата донел проглас во кој се наведени неколку точки, меѓу кои и напуштање на сите преговори со останатите политички партии а каде што учествуваат и дипломатски претставници од странски земји. „ДИК донесе незаконски одлуки со цел изигрување на изборната волја на народот. Работата на ДИК се претвори во пародија. Имаме информации за вмешување на странски претставници со цел вршење на влијание врз некои членови на ДИК за пост изборен инженеринг и фалсикување на изборната волја на граѓаните. Некои од независните претставници на ДИК не се независни“, изјави Груевски.

Порача дека незаконските одлуки на ДИК може да бидат корегирани од страна на Управниот суд и дека тие како партија сега повикуваат да не се врши притисок врз ова судско тело, но дека доколку и судот подлегне на притисоците, тогаш ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува и да ги признае резултатите од евентуалното прегласување.

„Повикуваме да не се врши притисок врз Управниот суд а доколку тој подлегне на притисоците од страна и со тоа се фалсификува слободната волја на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ објавува дека нема да учествува во прегласувањето и нема да ги признае резултатите од тоа гласање. Нема да дозволиме аболицираниот крминалец Зоран Заев  да формира влада со фалсификувана волја на граѓаните“, рече тој.

ВМРО-ДПМНЕ не е задоволна од тоа што, како што рече Груевски, „некои амбасадори премногу се мешаат во внатрешната политика на земјата“ и порача дека „државата мора суверено да ги носи одлуките“.

„Некои амбасадори почнаа премногу да се мешаат во внатрешната политика на земјата, ВМРО-ДПМНЕ останува отворена за комуникација за странските претставници но некои амбасадори мора да престанат да се мешаат во внатрешната политика на земјата. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи мешање во внатрешната политика на земјата. ВМРО-ДПМНЕ го напушта форматот на преговори каде учествуваат претставници на странски држави. ВМРО-ДПМНЕ во иднина нема да прифаќа нестандарни решенија кои ги нема и во членките на ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ знема да прифати кантонизација и редефинирање на државата, под било какви услови и околости. Ќе се бориме за десоросоизација на Република Македонија и јакнење на независен граѓански сектор, кој нема да биде под ничија контрола“, додаде Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ и историски и во иднина ќе биде прозападно ориентирана, нашите цели се членество во ЕУ и НАТО и темелно пријателство со САД, а овој проглас е проглас за заштита на демократијата во Република Македонија, заклучи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.