За нападот во Кајсери, турските власти ја обвинуваат PKK

Терористичкиот напад во турскиот град Кајсери во кој во саботата утрото загинаа 13 а ранети се 55 луѓе, главно војници, го извел бомбаш самоубиец објавија турските власти, а претседателот Реџеп Тајип Ердоган рече дека зад нападот стои забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK) која и САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.

Претседателот Реџеп Тајип Ердоган во писмена изјава рече дека „сепаратистичката терористичка организација“ стои за нападот, додавајќи дека тие напади не се „без поврзаност со случувањата во Сирија и во Ирак“. Ердоган под овој поим ја подразбира Работничката партија на Курдистан (PKK).

Претходно генералштабот на турските вооружени сили објавија дека автомобил бомба се паркирал до автобусот со кој се превезувале војници на специјалните сили кога стоел на постојка во близина на универзитетскиот кампус во Кајсери.
„Денеска се случи напад врз автобус со кој се превезуваа војници, а го извршил бомбаш самоубиец“, изјави за турската телевизија премиерот Бинали Јилдирим.

Турскиот вицепремиер Вејсел Кајнак во својата изјава забележа дека нападот во Кајсери многу е сличен со нападот кој минатата сабота се случи во Истанбул.

На 10-ти декември во центарот на Истанбул кај фудбалскиот стадион „Водафон арена“ на кој игра Бешикташ одекнаа две силни експлозии чија цел беше автобусот со кој се превезувале полицајците кои ги обезбедувале фудбалскиот натпревар. Во експлозиите беа убиени 44 лица, од кои 37 полицајци, а властите ја обвинија PKK. Подоцна одговорноста за нападот ја презема радикалната курдска групација „Јастреби за слободата на Курдистан“ (ТАК).