Фудбалерите на Челзи победија кај Кристал Палас 1:0, во првиот меч од 17.коло во Премиерлигата. „Сините“, во овој момент имаат девет бодови повеќе од најблиските конкуренти Арсенал и Ливерпул.
Челзи не блескаше, но и покрај тоа победата можеше да биде изразена со поголема разлика.
Мечот го реши првиот стрелец во Премиерлигата, Диего Коста, во 43.минута. Натурализираниот Шпанец одлично реагираше на „долгиот“ центаршут кој го упати Аспиликуета, ја искористи лошата реакција на дефанзивците на Палас и го совлада Хенеси.
Во второто полувреме Хенеси ги одбрани ударите на Канте, Фабрегас и Мосес, а Маркос Алонсо од слободен удар ја погоди гредата.
Челзи ја забележа 11-та победа во низа, трета врзана со резултат 1:0 и го израмни клупскиот рекорд. Во оваа низа, која започна откако менаџерот Конте ја смени формацијата 3-4-3, Челзи има гол разлика 25:2.