Стотици демонстранти во полскиот главен град Варшава го блокираа Парламентот поради најновите медиумски рестрикции во земјата, кои ќе им го ограничат пристапот на новинарите до полските пратеници, пренесуваат тамошните медиуми.
Полскиот парламент во петокот вечерта беше опколен со полициски сили кои со гумени куршуми интервернираа против демонстрантите. Полските полицајци во саботата утрото се обиделе да ја расчистат толпата и да му обезбедат на лидерот на владејачката Партија на правото и правдата, Јарослав Качински и пратенциите од неговата партија да го напуштат Парламентот.
Демонстрантите во петокот се собраа пред Парламентот за да го изразат своето незадоволство од новиот медиумски закон кој го ограничува пристапот на новинарите до полските законодавци. Внатре во Парламентот, пак, опозициските партии и нивните пратеници ја запоседнаа главната сала, извикувајќи „Слободни медиуми!“ и „Демократија!“, пеејќи ја полската химна. Протестите се интензивираа кога владејачката партија одлучи да го одложи гласањето за буџетот, додека опозициските пратеници продолжија со нивната блокадата на главната сала.
Полскиот собраниски спикер Марек Кухчински и владејачката Партија на правото и правдата сакаат да го ограничат бројот на репортери на по две лица од редакција и да им забранат на новинарите да снимаат аудио и видео материјали надвор од назначениот медиумски центар во Парламентот, со тоа што ова правило нема да важи само за пет одбрани телевизии.