ДИК за сабота го одложи разгледувањето на последниот приговор на СДСМ

Државната изборна комисија (ДИК) во петокот вечерта ја прекина седницата и за последниот осми приговор на опозицискиот СДСМ ќе решава во сабота, на седница чијшто почеток е закажан за 11 часот, а во меѓувреме ќе се работи на изготвување на веќе донесените одлуки.

Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, соопшти дека Комисијата за петок ја завршува работата за да се овозможи да се подготват сите донесени одлуки за тие да можат да бидат доставени до подносителите и другите учесници на предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 11-ти декември.

Досега ДИК одби пет од осумте приговори на СДСМ, чии претставници претходно во петокот самите повлекоа два од приговорите за неправилности во текот на гласањето. Претходните денови беа разгледувани и исто така одбиени седум од осумте приговори на Движењето БЕСА.

На денешната седницата ДИК го одби приговорот од Коалицијата предводена од СДСМ за гласањето во избирачкото место 1978 во Тетово. Потоа следуваше подолга расправа и за гласањето во избирачкото место 2016 во Теарце. По првичната расправа мнозинството членови на ДИК одлучија да се пристапи кон увид во целокупниот избирачки материјал за ова избирачко место. При разгледувањето на овој приговор по барање на ДИК на седницата присуствуваа сите членови на Избирачкиот одбор од избирачкото место 2016 со цел да го потврдат избирачкиот записник.

Во сабота ДИК треба да соопшти и дали ќе се повтори гласањето на избирачкото место 0396/1 во Гостивар во Изборната единица 6 и донесоа одлука да се поништи гласањето на тоа избирачко место. Доколку се покаже дека гласовите на ова избирачко место може да влијаат врз вкупниот изборен резултат во изборната единици, може да биде донесена одлука за прегласување.

Опозицијата смета дека со прегласувањето на ова избирачко место може да се влијае врз изборниот резултат односно да ѝ одземе на ВМРО-ДПМНЕ еден пратенички мандат, за колку што е предноста во оваа изборна единица на владејачката партија пред СДСМ.

Во Изборната единица 6, победи ДУИ со 40.599 гласови кои му обезбедија 6 пратеници, а втора беше ВМРО-ДПМНЕ со 26.135 гласови кои носат 4 пратеници од оваа изборна единица, додека СДСМ доби 25.828 гласови и 3 пратеника. Но БЕСА, која е блиска опозициска партија со социјалдемократите освои 25.054 гласови, и исто така, 3 пратеника. По два мандата од „шестката“ освоија Алијансата за Албанците и ДПА.

Според прелиминарните конечни резултати кои ги соопшти ДИК, владејачката ВМРО-ДПМНЕ освоила 51 мандат, СДСМ – 49, ДУИ – 10, БЕСА – 5, Алијансата за Албанците – 3 а ДПА два пратенички мандати.

И во петокот од раните попладневни часови, како и претходните денови, пред седиштето на ДИК во централното скопско подрачје, се собра мноштво членови на ВМРО-ДПМНЕ и поддржувачи на Коалицијата за подобра Македонија, кои протестираат и бараат од ДИК, како што велат, „да стане соучесник на СДСМ и да овозможи изборна кражба на регуларната победа на ВМРО-ДПМНЕ“.