Кирацовски: Не запираат притисоците врз администрацијата

Притисоците од страна на раководните лица во институциите врз вработените не запираат, а раководните лица вршат притисок врз вработените за присуство на протест пред Државната Изборна Комисија, со цел да протестираат и да извршат притисок врз работата и носењето одлуки, соопшти дополнителниот заменик-министер за информатичко општество и јавна администрација, Александар Кирацовски.

„Правото на протест е загарантирано со Устав, меѓутоа уште еднаш потсетуваме дека извршување на партиски и изборни активности во текот на работното време во јавниот сектор е спротивно на член 38 од Законот за вработени во јавниот сектор, а вршењето на закана, оневозможување и спречување на утврдување или објавување на резултатите од гласањето е казниво согласно член 158 од Кривичниот законик“, соопштија од неговиот кабинет.

Од таму потсетуваат дека недозволиво е вработените во јавниот сектор да трпат притисоци и понижувања за партиски цели.

Токму поради тоа поднесена е иницијатива до Државниот инспекторат за труд, Државниот управен инспекторат и Министерството за внатрешни работи за вонреден надзор на работата на Општина Карпош, ООУ ,,Невена Георгиева – Дуња” – Скопје, ЈСП Скопје, ЈП ,,Македонски шуми” – Скопје, ЈП ,,Стрежево” – Битола, ФОД Битола, Ученички дом ,,Мирка Гинева” – Битола, ЈЗУ Општа болница ,,Борка Талески” – Прилеп.