ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ синоќа виде како изгледа достоинствен патриотски протест

СДСМ синоќа имаше можност да види како изгледа достоинствен, патриотски протест, за разлика од насилниот и деструктивен протест на платеници и вандали под команда на аболицираниот криминалец Зоран Заев кој ја држеше цела држава во грч долго време.

Ова се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ, во кое социјалдемократите ги повикаа институциите да реагираат на повиците за линч изречени за време на протестот на ВМРО-ДПМНЕ пред ДИК.

„СДСМ имаше прилика да види како изгледа кога граѓаните го користат демократското право на протест за да го одбранат врвното право на глас и одлучување за својата иднина, за разлика од вандалите и платениците на СДСМ кои уништуваа државен имот, повредуваа полицајци и сквернавеа споменици на македонската држава. СДСМ не е демократска партија и не го разбира концептот на одлучување на мнозинството. СДСМ сака да ја окупира државата без поддршка од мнозинството народ и да се однесува фашизоидно како што се однесуваше и минатите две ипол години“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, 454.519 гласови за ВМРО-ДПМНЕ се доказ дека народот нема да му го дозволи ова на СДСМ и дека ова бројка е доказ дека и минатите и сите избори претходно биле кристално чисти и демократски, а СДСМ не ги признал затоа што не сакал да се соочи со поразот.

„Затоа СДСМ реши да ја втурне Македонија во криза, а истото сака да го повтори и овој пат после десеттиот пораз по ред. Нема да им помине. Граѓаните нема тоа да го дозволат“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.