Судењето на Груевски закажано за 22 февруари, „бомбите“ одбиени за доказ

Главното рочиште за случајот „ТНТ“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во кој обвинет е и поранешниот премиер и лидер на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски е закажано за 22 февруари.

На подготвителното рочиште во петок,по барање на одбраната беа отфрлени барања на СЈО како доказ да се користат прислушуваните разговори со образложение на судијката Татјана Михајлова дека тие биле набавени на нелегален начин. Таа одби и судот на СЈО да му овозможи да биде сослушан и заштитен сведок во случајот.

Судскиот процес се однесува на нарачаните шлаканици за градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски и насилните протести пред општината, што се случија во 2013 година, наводно за спречување на изградба на црквата во центарот на Скопје.

На денешното рочиште присуствуваше Груевски, како и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески кој исто така е обвинет во случајот.

Обвинението е поднесено против 14 лица за кривично дело насилство, и тоа, за пет лица како поттикнувачи на насилството и девет лица како директни извршители на насилството.