Шведска очекува руска агресија, преоѓа на тактика од Студената војна

Функционерите во Шведска добиле наредба од Агенцијата за цивилна заштита (MBS) да преземат чекори за да бидат спремни во случај на војна, пишува Daily Mail.

Агенцијата упатила писмо до локалните власти во кое од нив бара да се опремат и да бидта подготвени да реагираат во случај на војна.

Се верува дека писмото е резултат на одлуката на Шведска да ја врати „Стратегијата на тотална одбрана“ од ерата на Студената војна. Оваа стратегија става акцент на одбрана на земјата во случај на странска закана, преземање економски и цивилни, но и воени мерки на приправност.

Примената на оваа стратегија е наложена во декември минатата година поради влошувањето на „безбедносната ситуација“.

Како што наведува шведскиот весник Svenska Dagbladet, во писмото се вели: „Ова наметнува големи барања…во поглед на брзина на дејствување, донесување одлуки, споделување информации, комуникации во кризни ситуации, флексибилност, издржливост и работа со тајни информации.“

И покрај инструкциите, шефот за информирање на MSB Сванте Вергер вели „ништо не наговестува дека таква војна е веројатна, но имаме овластување од владата да се подготвиме за неа“.

Некои од локалните власти го критикуваа писмото и оценија дека на општините им се наметнуваат нереални барања. Други пак ја обвинуваат владата дека, како што наведува Daily Mail, ја користи наводната руска агресија за да ги оправда зголемените трошоци на војската.