Судењето против 14 лица, меѓу кои и поранешниот премиер Никола Груевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, за настаните пред зградата на Општина Центар во 2013 година треба да започне во петок во Кривичниот суд.
Адвокатот на обвинетите Никола Додевски во четврток изјави дека нема да побараат ново одложување на процесот, бидејќи претходно стартот веќе еднаш беше презакажан заради обврски на адвокатот.
Предметот за нарачаните шамари за градоначалникот Андреј Жерновски и за нередите за време на седница на Советот на Општина Центар го води в. д. претседателката на Кривичниот суд, Татјана Михајлова.
Ова е втор предмет на специјалното јавно обвинителство што влегува во судница.