Државната изборна комисија (ДИК) на пладне ќе ја продолжи седницата, која започна во четвртокот, а на која се разгледуваат приговорите на СДСМ и Беса поврзани со изборите.
Исто така ДИК не прифати четири приговори на СДСМ.
Седницата на ДИК мина под силно полициско обезбедување, бидејќи пред седиштето на комисијата се собраа голем број на членови и симпатизери на ВМРО-ДМПНЕ, кои како што рекоа се собрале да „спречат да биде украдена победата на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Треба да признаат пораз. Или да ја признаат волјата на народот или да се соочат со гневот на народот. Не бараме туѓ глас, но не даваме ниту еден наш, ако треба ќе го браниме нашиот глас на улица и вечерва и утре и секогаш. Во оваа држава има политичари кои виткаат кичма, но има и народ со рбет кој нема да попушти. На државата не и требаат кризи, две ипол години трпевме за да дојдеме до избори, дојдовме до избори, излеговме на избори и победивме. Ни треба победата да биде потврдена за Македонија да оди напред, рече пред насобраните луѓе Антонио Милошоски, кој на изборите беше носител на листата во Изборната единица 5.
Свое обраќање пред насобраните граѓани пред ДИК имаа Владимир Ѓорчев и Борис Змејковски, кој доби пратенички мандат. Зборуваше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и Стевчо Јакимовски од ГРОМ.
Претходно пред партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ прес-конференција одржа Никола Тодоров, кој рече дека во ДИК се спроведува лакрдија во сценарио на претседателот на комисијата Александар Чичаковски.
Тодоров реагираше на одлуката на ДИК да има графолошко вештачење на потписот на гласачката. Според него, ваквата одлука е незапаметена досега и побара од ДИК да ја коригираат одлуката и да не дозволуваат да се работи спротивно на законот.
Инаку вештачење беше побарано во врска со осмиот приговор на БЕСА, а Комисијата ги отфрли останатите седум приговори поднесени од Движењето БЕСА. По расправата за приговорите на БЕСА, Државната изборна комисија ги разгледуваше приговорите на СДСМ. Законски, ДИК има рок до полноќ да се изјасни по приговорите на политичките партии.