Сите девет членови, вклучително и од опозициските социјалдемократи, на Државната изборна комисија (ДИК) длабоко во ноќта кон петокот го одбија и третиот приговор на опоициската СДСМ.
Членовите на Државната изборна комисија изгласаа дека треба да биде направен увид во изборниот материјал од гласачкото место 2.024 и откако увидот беше направен, беше утврдено дека ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија освоиле 64 гласа, СДСМ и Коалицијата за живот во Македонија освоиле 48 гласа, Движењето БЕСА – 48 гласови, ДПА – 35 гласа, а Алијансата за Албанците -19 гласови.
На овој начин се утврди дека состојбата со освоените гласови на партиите е идентична со записникот број 16 од ова избирачко место. Утврдено е дека има 14 неважечки ливчиња, а неупотребени се 212.
Со тоа одбиени се вкупно три од осумте приговори на СДСМ за текот на гласањето и за постапката на утврдување и на сумирањтое на гласовите од предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 11-ти декември.
Државната изборна комисија претходно ги отфрли двата приговора на СДСМ, за избирачките места во општината Теарце, исто така, во шестата изборна единица. Приговорите за овие избирачки места се однесуваат на преправани записници како и несовпаѓање на бројките на гласачите со распределбата на гласовите.
Претходно во четвртокот ДИК отфрли седум приговори од Движењето БЕСА, а само еден приговор беше оставен за да се однесе потписот на Фатиме Сулејмани на графолошко вештачење за да се потврди дали потписот е веродостоен или друг се потпишал наместо неа.
Роковите според избрниот законик беа до 24 часот во четвтокот, а потоа течат и роковите за жалби пред Управниот суд.
Пред седиштето на ДИК во текот на целата ноќ има силно полициско обезбедување и голема група поддржувачи на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кои порачуваат дека нема да дозволат „да им биде украдена победата“ на изборите на 11-ти декември.
На масата ѝ се обратија повеќе функционери и кандидати за пратеници од владејачката партија, кои повикаа „да се почитува волјата на избирачите“ и порачаа дека ќе останат и натаму пред ДИК, сé додека не бидат потврдени првично соопштението резултати од изборите според кои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоила 51, а коалицијата на СДСМ 49 пратенички мандати.