Судијата Иван Џолев реагира на поправената оценка на Владимир Панчевски

Судијата Иван Џолев, кој важи за главен претендент за претседател на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, во четвртокот поднел претставка до Судскиот совет на РМ.

Судијата Џолев реагира бидејќи токму Судакиот совет, на седница, наводно му ја поправил „тројката” којашто истиот Совет претходно му ја додели на кандидатот Владимир Панчевски. Џолев реагира дека Судскиот совет извршил преоценување со цел на Панчевски да му се поправи оценката и така да го одржи во трката за претседател на скопска „единица”.

Имено, Панчевски, кој за 2014 година имаше оценка 3, беше вонредно оценет со повисока оценка, но не за цела година, туку за период од само девет месеци, во 2015 година. На истата седница Судскиот совет му го зголемил и бројот на бодовите на Панчевски.

Со најновата реакција на Џолев, не само што се укажува на незаконско постапување, туку во исто време се намалуваат и шансите на Панчевски да добие уште еден претседателски мандат.

Судијата Панчевски изминатава година го следат серија скандали. Тој беше фатен како, преку лажни имиња, коментира на социјалните мрежи, како ја опструира работата на Специјалното јавно обвинителство, а влезе во отворена расправија со претседателката на Врховниот суд на РМ, Лидија Неделкова, со новинари и медиуми. Неговото име се вртеше по медиумите и поради неговата дивоградба во центарот на Скопје, но и поради петициите кои против него ги потпишуваа вработените во најголемиот суд во земјата.