Бунтовниците целосно истиснати од Алепо, тргна вториот конвој

Силите на сириската влада и на нејзините сојузнички милиции го завршуваат чистењето на источните населби на вториот по големина град Алепо од бунтовниците, а конвојот од 15 автобуси, кој е втор во четвртокот, со евакуираните бунтовници и нивните семејства трга кон западните покраини, пренесуваат агенциите.

Сириската армија ги потиснала бунтовниците и остатоците од радикалните исламистички групи од сите квартови кои досега ги контролираа. Целосно се ослободени 105-те квартови од градот, со вкупна површина од 78,5 квадратни километри, пренесе државната новинска агенција SANA.

За време на последните жестоки судири за конечно заземање на Алепо, сириската војска ликвидирала 900 бунтовнички борци, кои ги нарекува терористи без разлика дали се припадници на опозициските вооружени групи или на екстремните сунитски исламистички групации, и уништила десетици парчиња тешко вооружување и друга воена опрема, се додава во извештајот. Притоа се истакнува дека авијацијата во Алепо не дејствувала од 18-ти октомври.

Сириската команда објави дека во набрзина напуштените бунтовнички засолништа биле најдени мноштво фотографии и видео снимки од „ѕверски злосторства извршени и снимени од страна на самите терористи“. Подрумите од станбени објекти биле преправени во импровизирани затвори во кои повеќе од затворениците биле егзекутирани пред започнување на офанзивата на владините сили.

Засега не е познат бројот цивили кои треба да бидат евакуирани од Алепо. Сириската државна телевизија соопшти за околу 4.000 бунтовници и членови на нивните семејства. Турскиот вицепремиер Вејси Лајнак на прес-конференција на турско-сириската граница, пак, рече дека „меѓу 80.000 и 100.000 цивили би можеле да треба да бидат евакуирани“.

Евакуацијата на цивилите и борците од последните упориште на бунтовниците во Алепо е дел од договореното примирје и отворањето на коридорите за извлекување на жителите и борците кои ќе го положат оружјето од повеќе од половина година опсадените квартови. Меѓутоа, одредени бунтовнички групи до пред една седмица со поставување експлозивни направи на овие коридори го попречуваа евакуирањето на цивилите.

Сирискиот претседател Башар ал-Асад претходно објави ослободување на Алепо и го нарече „најважниот историски настан“ и го спореди со делењето на историјата пред и по времето на Христа.

„Мислам дека за ослободувањето на Алепо ќе зборуваме: пред ослободувањето на Алепо и по ослободувањето на Алепо“, се наведува ви писмената изјава на сирискиот претседател.

Борбите меѓу владините сили и бунтовничките групи во најголемиот град во Сирија со над 2,2 милиона жители пред војната и дотогашна финансиска престолнина на земјата започнаа во 2012 година. Во втората година од граѓанската војна која започна во март 2011 година, радикалните групации успеаја да ги заземат источните претежно сунитски квартови од градот, додека војската остана да го контролира поголемиот западен дел. Пресвртот во овие судири настана есента 2016 година, кога владините сили, локалните милиции, шиитските доброволци од регионот со поддршка од руската авијација започнаа офанзива за конечно заземање на Алепо.

Со освојувањето на градот, кој исто така е важен сообраќаен јазол во регионот, сириската војска добива можност да продолжи со напредување во северозападниот дел од земјата и да започне офанзива против вооружените групации во соседната покраина Идлиб.

Русија во меѓувреме објави дека ги прекинува воздушните операции во Идлиб каде треба да се евакуираат бунтовниците и нивните семејства од источно Алепо, изјави во четвртокот високиот претставник на ОН во Женева, Јан Егеланд.