Движење БЕСА: Албанците од ДИК и подарија пратеник на ВМРО-ДПМНЕ

Денеска бевме сведоци на сeдницата на Државната изборна комисија (ДОК) којашто со мнозинство гласови не ги прифати приговорите на коалицијата Движењето БЕСА овозможувајќи на овој начин ВМРО-ДПМНЕ неправедно да земе еден пратенички мандат од втората изборна единица кој ни следуваше нам, рече на прес-конференцијата во четвртокот Арјанит Хоџа, член на централното претседателство на движењето.

Претходно на седницата на Државната изборна комисија, на којашто започна разгледувањето на приговорите поднесени од БЕСА и СДСМ во врска со наводни неправилности на предвремените парламентарни избори спроведени на 11-ти декември, прифати еден приговор од движењето БЕСА, кој се однесува на нерегуларност при гласањето во гласачко место во Гостивар, додека, пак, останатите седум преговори беа одбиени.

Како што рече потоа Хоџа, било прекршено правото, а ДИК уште еднаш потврдила дека Македонија е „земја каде правдата е поретка дури и од водата во пустина“.

„Денеска уште еднаш се потврди дека ДИК донесува одлуки со политички диктат, но беше многу болно да гледаш како албанските претставници во неа, тие од ДУИ, ДПА, и тој кој наводно е независен, го штитеа интересот на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски. повеќе од самите претставници на Груевски во оваа комисија“, рече Хоџа.

Порача дека во ситуација кога од движењето повеќе не веруваат ниту на ДИК, ниту „на правдата во оваа земја“, последната надеж на БЕСА била дека „многу брзо на местото на претставникот на ДПА, или поточно, на претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бедредин Ибрахими, ќе биде претставникот на Движењето БЕСА и ова ќе биде една можност оваа многу значајна институција за демократијата во земјата да биде ставена на вистински пат“.

Хоџа им се обрати и на активистите на двете албански партии ДУИ и на ДПА, порачувајќи им дека нивните претставници во ДИК „не му одзедоа пратеник на Движењето БЕСА, тие им одзедоа пратеник на Албанците во Македонија и тој му го дадоа на Груевски“.

„Ова беше тоа што ние ви го кажувавме пред изборите, оти гласот за ДУИ е глас за ВМРО и за Груевски“, заклучи Арјани Хоџа од БЕСА.