ДИК прифати еден приговор на БЕСА, ќе се отвора една гласачка кутија

Државната изборна комисија прифати еден приговор од движењето БЕСА, кој се однесува на нерегуларност при гласањето во гласачко место во Гостивар, додека, пак, останатите седум преговори беа одбиени.

Според Беса, нерегуларноста настанала поради тоа што на местото на една жена од Гостивар, гласал некој друг, а во записникот стоело дека жената веќе гласала и затоа не било дозволено повторно да гласа.

Од ДИК се согласија да се повикаат претседателот и членовите на избирачкиот одбор и потоа да се утврди точно се случило на денот на изборите. Членовите на ДИК се согласија да се донесе гласачката кутија од избирачкото место и да се повика изборната комисија.

Инаку, во ДИК, во четврток се одржува јавна седница за разгледување на приговорите од Движење БЕСА и СДСМ, во однос на некои забележани нерегуларности во текот на изборниот процес, на изборите одржани во недела, на кои прелиминарно ВМРО-ДПМНЕ освои 51 пратеничко место, СДСМ 49, ДУИ 10, Беса 5, Алијанса на Албанците 3 и ДПА 2 мандати.