Домашниот бизнис во текот на 2016-та година, поради политичката криза и нефункционирањето на институциите, изгуби драгоцено време и можност да оствари позначителен раст.
Ова е дел од дискусијата на седницата на управниот одбор на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) на која се оценуваше годината што изминува и воедно се формулираа предлози кои ќе бидат доставени до Владата и синдикатите, на разгледување и усвојување во текот на 2017-та година.
„По изборите, сите ние посакуваме и очекуваме многу брзо институциите да почнат да функционираат со полн капацитет за да можат да се стават на дневен ред и да се усвојат нашите предлози кои произлегуваат од прироритетите и потребите на бизнисот. Дококу се случи тоа, убедени сме дека ќе дојдеме до решенија со кои ќе се зголеми конкурентноста, ќе се отворат нови работни места и нови перспективи за развој на компаниите во значајни сектори како што се туризмот, земјоделството, преработувачката индустрија и други гранки. Во спротивно, следниот декември ќе зборуваме за уште една загубена година“, изјави претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.
На приоритетната агенда на работодавачите се наоѓаат неколку конкретни предлози, како што е оној за воведување нов модел за плаќање на придонесите за сезонските работници – т.н. модел на дневни ваучери – по примерот на Хрватска, Франција, Шпанија, Италија и други земји од ЕУ, со кој ќе се зголеми социјалната сигурност на илјадници работници во туризмот, угостителството, земјоделството, градежништвото, текстилната и други индустриски гранки, а истовремено ќе се влијае на намалување на даночната евазија и „сивата“ економија.
Работодавачите предлагаат и мерки со кои ќе се стимулираат младите работоспособни луѓе да не заминуваат од земјата. Меѓу тие мерки е и предлогот државата да им ги врати на младите работници до 25 години уплатените придонеси и персоналниот данок, како и создавање можности за сезонско работење на студентите.
Во оваа насока, членовите на управниот одбор на ОРМ апелираа и за итни реформи во образовниот систем кои треба да го стимулираат создавањето квалификуван кадар за потребите на стопанството. Една од предлог мерките е државата да ги стипендира сите оние што ќе се запишат на техничките факултети во земјава, а паралелно да се воведат и специјални наставни програми во средните стручни училишта со кои ќе се воведе задолжителна практична работа по примерот на моделот кој со децении се применува во Германија.
Со вакви мерки, сметаат бизнисмените, ќе се ублажи недостигот од квалификуван кадар со кој се соочува преработувачката индустрија во земјата. Статистиката покажува дека, на пример, близу 7000 работници во изминатите осум години ги напуштиле домашните текстилни фабрики. Еден од начините како да се запре одливот на квалификувани работници е и државно субвенционирање на домашните производствени компании, по сличен модел како субвенционирањето на странските компании во рамки на ТИР зоните.
За дискусија пред новиот состав на Владата и останатите социјални партнери, ОРМ ќе ги постави и предлозите за измени на законодавството во областа на безбедноста и здравјето при работа, кои треба да овоможат сериозно намалување на бројот на повреди и несреќи на работните места, како и измените во Законот за трговски друштва со кои ќе се олеснат вложувањата на постојните акциoнери во компаниите, ќе се поттикне нов инвестициски циклус во стопанството и ќе се креираат нови работни места.
Настаните на кои Организацијата на работодавачи на Македонија ги формулираше овие и другите предлози што придонесуваат за унапредување на бизнис климата и работењето на компаниите во Македонија, се со поддршка од проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“ кој е финансиран од Европската унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.