Хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ изјавила дека „со агресивна реторика и перформанси не може да се влезе во ЕУ, туку само преку исполнување на критериуми“, пренесуваат хрватските медиуми.
Коментирајќи ја агресивната реторика и нападите на српските лидери над Хрватска поради хрватската блокада на преговорите помеѓу Србија и ЕУ, Грабар Китаровиќ изјавила дека српските обвинувања и тврдења се неприфатливи и дека „хрватските потези не значат непријателство кон Србија“.
Хрватска ја блокираше Србија за отворањето на поглавјето 26 за образование и култура, бидејќи имаше примедби поради учебниците на хрватски јазик за хрватската заедница во Србија. Коментирајќи ја реакцијата на српскиот државен врв, хрватската претседателка исто така истаклана дека „неприфатливо е Хрватска да се нарекува со навредливи имиња, како што се „фашизоидна, усташоидна“ и слично“.
„Во Хрватска нема усташтво и таквата агресивна реторика на Србија, би рекла дури и реторичка агресија кон Хрватска е само дефокусирање од фактите дека Србија во моментов едноставно не е подготвена кога се работи за исполнувањето на критериумите. Ние не бараме ништо друго туку да се исполнат критериумите кои Србија ги презема“, рекла Грабар Китаровиќ.
Таа додала дека и Хрватска во минатото требало да ги исполни критериумите за членство во ЕУ, додавајќи дека хрватската рака за соработка и помош и „понатаму останува подадена“. „Меѓутоа ние не можеме да инсистираме нити повеќе, нити помалку од тоа што критериумите всушност се. Сметам дека тоа мора го сфати и ЕУ која единствено на тој начин може да го задржи својот кредибилитет, да има еднакви критериуми кон сите“, рекла хрватската претседателка.
Таа потсетила дека своевремено ги водела хрватските преговори за членство во ЕУ и им понудила совет на своите српски колеги. „Агресивната реторика и перформансите не можат да доведат до ЕУ, туку исполнувањето на критериумите. Јас сум тука во Хрватска и работам за овие луѓе, како што и Владата тоа го прави за развојот на Хрватска, насочувајќи се кон подобар живот во земјата, Србија нека се бави самата со себе“, нагласила Грабар Китаровиќ.