ВВС: Алепо е Сребреница, меѓународната заедница не ја научи лекцијата

Меѓународната заедница не ја научи својата лекција, наведуваат за ВВС преживеаните од Сребреница, коментирајќи ја состојбата со опсадата и цивилите во сирискиот град Алепо.

„Хасан Хасановиќ стоеше пред својата куќа во Сребреница, кога виде дека таму доаѓаат војници – босански Срби. Единствениот начин да преживее беше да побегне“, со овие зборови започнува текстот на ВВС во кои лицата кои ги преживејаа злосторствата во Сребреница говорат за тоа како гледаат на ситуацијата во Алепо.

Како што наведуваат, тоа се случи на 11-ти јули 1995-та година, а две години претходно Сребреница од страна на Обединетите нации беше прогласена за област која што е „безбедна за цивили“. Босанските муслимани од локалните области барале засолниште во Сребреница, додека босанските Срби вршеле етничко чистење, протерувајќи го несрпското население, наведува ВВС.

„Околу 20 илјади бегалци побегнаа во Сребреница, која тогаш беше под заштита на холандските мировници на ОН. Меѓутоа, силите на босанските Срби, предводени од командантот Ратко Младиќ го окупираа градот и започнаа со гранатирање“, стои во текстот на ВВС.

На денот кога Сребреница конечно падна, Хасан имал 19 години. „Мислевме дека ОН ќе нѐ заштитат. Чекавме да заврши војната, мислејќи дека сме безбедни под ОН. Немав време да се вратам дома и да се поздравам. Знаевме дека доколку одиме до базата на ОН нема да бидеме заштитени, знаевме дека ќе нѐ предадат на босанските Срби и дека ќе бидеме убиени“, вели тој за ВВС.

Тој додава дека илјадници луѓе излегле на улица кога виделе дека се приближува војската. Со братот близнак, таткото и вујкото побегнале во густата шума на работ на градот, каде им се придружиле на колона од околу 12 илјади мажи кои исто така сметале дека тоа им е единствената опција за да побегнат.

Таа вечер тргнале кон Тузла, одалечена на 55 километра, пишува ВВС, истакнувајќи дека тоа не било лесен пат, и дека по рутата морале да поминат преку брда и реки, соочувајќи се со неколку напади над нивната група. „Секој ден додека одев до Тузла се борев да преживеам. Постојано бев на работ помеѓу животот и смртта. Ме ловеа како да сум животно“, вели Хасановиќ.

ВВС истакнува дека на групата и биле потребни шест дена за да стигнат до Тузла, како и дека патот го завршиле само дел од оние кои тргнале од Сребреница. Хасановиќ за време на патот загубил членови од неговото семејство, а неколку години подоцна дознал дека сите се убиени. Неговите роднини кои останале во Сребреница преживеале бидејќи барале засолниште во базата на ОН во Поточари, а две недели подоцна и тие стигнале во Тузла.

„Она од што Хасан побегна во Сребреница беше најголемото злосторство во Европа од Втората светска војна. За само неколку дена беа убиени осум илјади мажи и деца. Останува прашањето зошто мировниците не направија ништо за да ги заштитат убиените“, пишува ВВС.

Како што наведуваат, иако постојат различни околностиво Алепо во однос на Сребреница, барем по тоа што нема припадници на ОН во областите кои се под опсада, тие кои што ја преживеале Сребреница се бесни бидејќи меѓународните сили не ги заштитиле цивилите кои повторно се на мета.

Хасан се вратил во Сребреница, „од каде што ја гледа трагедијата“ и смета дека постојат доста сличности помеѓу двата града. ВВС наведува дека според проценките на ОН во Алепо се наоѓаат околу 50 илјади цивили чија судбина е под знак прашање. Бунтовниците кои се против сирискиот претседател Башар ал Асад го држат источниот дел на градот од 2012-та година. Меѓутоа, офанзивата на сириската војска, со поддршка од руските воздушни слили, доведе до тоа бунтовниците моментално да контролираат само 2,5 квадратни километри, пишува ВВС.

ОН наведува дека дека постојат релевантни докази за погубувањето на 82 цивили, нешто што е негирано од страна на сириската влада. Населението на Алепо вели дека телата се наоѓаат на улиците и дека луѓето се плашат да излезат и да ги тргнат, истакнува ВВС и додава дека нема храна, како нити лекарска помош за повредените, а многумина се толку очајни што на социјалните мрежи испраќаат „последни пораки“.

„Луѓето во Алепо се чувствуваат исто како и ние. Се чувствувавме напуштено, како да не припаѓаме кон ова човештво. Нас не не третираа ко луѓе. Секогаш повторуваме „никогаш повеќе“, но кога ќе дојде до акција, не правиме ништо за да спречиме таквите работи да се повторат. Изгледа дека светот ништо не научи. Живеевме во модерен свет со технологии и немаме никакви изговори да кажеме дека „не знаевме““, вели Хасан.

ВВС ја пренесува и приказната на Неџад Авдиќ, кој со таткото исто така во колоната побегнал во Тузла. Тој побегнал во Сребреница во 1993-та година кога босанските Срби му ја уништиле куќата, а кога градот конечно паднал во 1995-та година имал 17 години.

„Нападите во групата го оставија сам и изгубен во шумата. Изморен и гладен, со околу две илјади луѓе им се предал на Србите. Биле одведени во едно поле за да ги погубат, се присетува тој. Ги натерале да се соблечат, а потоа еден од војниците му ги врзал рацете. Околу него имало многу тела. Луѓето биле редени во колона од пет, кога војниците почнале да ги убиваат. Бил погоден во стомакот, десната рака и левата нога. Убивањето продолжило до доцна во ноќта. Кога војниците си заминале, ја подигнал главата и видел дека тука е уште едно лице коешто преживеало со помали повреди. Се одврзале еден со друг и успеале да побегнат. Побегнале во шумата и таму успеале да преживеат четири дена по излегувањето од Сребреница. Поголем дел од неговите роднини, вклучувајќи го и татко му, биле убиени“, пишува ВВС.

Како што наведува британскиот медиум, Авдиќ „се видел себеси во сликите од децата од Алепо“. „Се надеваат дека некој ќе им помогне, но надежта им е залудна. Можно е Алепо да има иста судбина како Сребреница. Преживеав геноцид, дозволете ми да испратам една порака кон светот: Не дозволувајте Алепо да биде новата Сребреница“, рекол тој.

Емир Суљагиќ е третиот соговорник на ВВС, тој имал 17 години кога побегнал од Братунци во Сребреница во 1993-та. Дедо му бил убиен во Сребреница. „Она што го чувствувате е апсолутна немоќ, дека некој друг го држи вашиот живот во негови раце. Алепо е крајот на идејата дека меѓународната заедница се залага за вредности. Моето патење беше залудно. Босна беше искасапена, Босна беше силувана. Видете ги Алепо и Сирија и кажете ми што е поинаку, ништо“, наведува тој.