Турската мафија управувала лажна американска амбасада во Гана

Властите во Гана откриле лажна американска амбасада во главниот град Акра, организирана од страна на криминална мрежа која што со години издавала нелегално добиени автентични американски визи, соопштиле од Стејт Департментот, пренесуваат турските медиуми.

Се додека амбасадата не била лоцирана од страна на властите, таа функционирала и била сместена во една розева двоспратна зграда пред која била истакнато американското знаме, а внатре во неа имало и портрет на американскиот претседател Барак Обама.

„Амбасадата не била управувана од страна на американските власти, туку од гански и турски криминални групи, како и од еден адвокат од Гана“, изјавиле од американскиот Стејт Департмент. Турски граѓани кои говореле англиски и холандски, пак, се претставувале како конзуларни службеници и ја раководеле работата на амбасадата.

Криминалните групи нелегално набавувале автентични американски визи и лажни документи за идентификација, вклучувајќи ги изводи од матичната книга на родени по цена од шест илјади долари по документи, додаваат од Стејт Департментот. Во истрагата исто така била пронајдена и лажна холандска амбасада, а во текот на рациите властите исто така откриле и лажни индиски, јужноафрикански и Шенген визи, како и 150 пасоши од 10 различни земји.

Од Стејт Департментот не објасниле на кој начин криминалните групи ги набавувале автентичните визи, нити пак колку луѓе влегле во САД со овие визи. „Криминалците поткупувале корумпирани службеници за да добијат валидни празни документи“, рекле до американската институција.

Лажната амбасада работела три дена во неделата и не прифаќала незакажани термини, а криминалната група исто така ја рекламирале амбасадата на билборди во Гана, Того и Брегот на Слоновата Коска./