Лазаров го реши дербито Барселона-ПСЖ

Барселона го победи ПСЖ 35:32 (14:14) во мечот на неделата на ЕХФ, кој се одигра во А групата во Лигата на шампионите. Барса која е лидер во групата до победата ја предводеше Кире Лазаров со девет голови.

Барселона му се реваншира на ПСЖ за поразот во Париз, повторно е лидер во А групата со најголеми шанси на крајот тука и да остане и директно да се пласира во четвртфиналето.

Вистинско дерби одиграа двата тима во „Блауграна“, дерби во кое ниту еден од тимовите не стекна предност поголема од три гола.

ПСЖ имаше 6:9 во првото полувреме, но Барселона се врати и успеа да стигна до 14:14 по првиот дел.

Егал се играше и во воведните 12 минути од вториот дел кога Лазаров и Жалуз постигнаа по два гола во серијата на Барселона 4:1, за предност 24:21.

До крајот се водеше голема борба, а ПСЖ во игра го држеше Нарсис, но сепак иако Барселона понуди неколку шанси, францускиот шампион не успеа да ги искористи.

Лазаров мечот го заврши со девет голови од 11 обиди, Жалуз постигна шест, а Ривера пет гола со совршена реализација. Блескав натпревар одигра и голманот Де Варгас кој имаше 15 интервенции, поради што Борко Ристовски не доби шанса да брани.