18 години на Здружението за македонско-германско пријателство и соработка Битола

Здружението за македонско-германско пријателство и соработка Битола синоќа го одбележа 18 годишното постоење. Претседателката на здружението д-р Валентина Илиева, која од неодамна е и почесен конзул на Република Австрија во Македонија, истакна дека на почетокот пред 18 години здружението броело 80 членови.

Денес, ова здружение брои 450 членови кои на различен начин помогнаа за одрживање на 191 настан – изложби, предавања, концерти, семинари, литературни читања, театарски претстави итн. На овој начин во 18 годишното постоење е исполнета основната цел на Здружението за македонско-германско пријателство и соработка Битола – презентирање на германската култура и јазик во Битола и во целата земја и презентирање на македонската култура и јазик во СР Германија.

18 годишниот јубилеј беше одбележан на прекрасен начин, со концерт на битолските Ѕвончиња. По неколкумесечната подготовка, во малата сала на Центарот за култура ѕвончињата одржаа концерт на кој изведоа 11 детски песни, кои ги пеат децата во Германија, Австрија и Швајцарија.

Малите детски амбасадори на музиката ги испеаја песничките Bruder Jacob, Backe backe  kuchen, Es war eine mutter, Auf der mauer auf der lauer, Summ summ summ, Der kuckuck und der esel, 3 Chinesen mit dem kontrabass, Alle vogel sind schon da, Bruderchen, komm tanc mit mir и Guten abend gute nacht. И овој пат тие измамија голем алпауз од присутните во преполната сала, затоа што со својата детска песна и игра, на крајот на последната композиција и легнаа на едно над едно дете, драматизирајќи сон на сцената. На крајот сите дечиња добија по една шоља со бомбончиња во знак на сеќавање и благодарност за овој прекрасен концерт од страна на Здружението за македонско-германско пријателство и соработка Битола.