Врвни детски пејачи настапуваат на фестивалот “Тра ла ла” во Битола оценува претседателот на Светската асоцијација на фестивали и уметности WAFA

Врвни детски пејачи од Македонија, Турција, Словенија, Бугарија, Романија, Полска, Австралија, Босна и Херцеговина, Унгарија, Русија, Хрватска и Кипар учестуваат на Интернационалниот музички фестивал “ТРА-ЛА-ЛА”во Битола, истакна денеска на прес конференција во Битола претседателот на меѓународното фестивалско жири Толга Ѓурдил од Турција кој е и претседател на Светската асоцијација на фестивали и уметности WAFA, а кој синоќа на првата натпреварувачка вечер на фестивалот имаше можност да ги слушне учесниците кои настапуваа со песни на мајчин јазик.

“Импресионирам сум од тоа што во сите категории има многу квалитетни пејачи. Мислам дека е избран и многу добар начин на гласање односно оценување на учесниците на фестивалот, односно тука не се оценува само песната, туку и квалитетот на гласот, техниката која што пејачот ја користи, како и неговиот сценскиот настап. Со тоа се добива вистинска оценка за целокупниот квалитет.”-рече претседателот на меѓународното фестивалско жири Толга Ѓурдил, нагласувајќи дека особено му е драго што фестивалот се случува во Битола, град кој што е многу значаен за неговата родна Турција и со кој Турција негува силни врски на пријателство и соработка.

Фестивалот се одвива во три натпреварувачки дела во Народниот театар и Центарот за култура во Битола. Вечерва со почеток во 18 часот во Народниот театар учесниците настапуваат со позната поп песна на јазик по избор.

“Секоја година на фестивалот учествуваат солисти од голем број држави во светот презентирајќи ја својата култура, разменувајќи искуства и ширејќи го духот на културната соработка, со што фестивалот прераснува во една од најголемите манифестации од овој тип во Европа. Детскиот музички фестивал “ТРА-ЛА-ЛА” е единствена манифестација во Република Македонија, каде солистите ги изведуваат своите композиции во живо, врз база на музичка подлога односно матрица. Годинава успеавме да собереме таленти од 12 држави, а сметам дека кога би имале поголема поддршка догодина би можеле да донесеме солисти од 25 или 30 држави.”-истакна денеска на прес конференција во Битола раководителот на фестивалот Тони Алексовски, кој е член во жири комисијата на десетина фестивали ширум светот и амбасадор на детскиот мир од Светската асоцијација на фестивали и уметности WAFA.

Фестивалот “ТРА-ЛА-ЛА” е дел од битолско културно лето Битфест со поддршка на општина Битола и градоначалникот на општина Битола д-р Владимир Талески.

Гала концертот со победничките композиции, како и со популарни гости и звезди од македонската естрада и учество на културно –  уметнички друштва ќе се одржи на 15 август со почеток во 19 часот во Големата сала при Центарот за култура во Битола, кога ќе бидат доделени и наградите на фестивалот.

Со цел учесниците на Интернационалниот музички фестивал  да се запознаат со дел од македонската култура, денеска тие имаа прием во храмот ,,Св.Димитрија,, една од најстарите цркви во овој регион.