Тодоров: Храбриот народ е гарант за унитарна Македонија

Храбриот македонски народ нема да дозволи Македонија да се федерализиара, да се менува Уставот, нема да дозволи двојазичност и проширување на Рамковниот договор, а овој народ е гарант за тоа, за независна, суверена и унитарна Република Македонија, истакна во саботата вечерта на средбата со поддржувачите во скопската населба Триангла носителот на листа во Изборната единица 2 од ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров.

„Доста нè делеа, нè парчеа, доста се изживуваа врз Македонија и врз Македонецот. Нема повеќе да дозволиме. Имаме наша држава – Македонија, ќе ја зачуваме и ќе ја предадеме на нашите идни поколенија таква каква што сме ја направиле. Ова е библиска земја, не дозволуваме никому да се пазари ниту со Македонија, ниту со македонските национални интереси“ порача Тодоров.

Истакна дека во недостигот од идеи и реални понуди за гласачите, челникот на опозицискиот блок Зоран Заев тргнал во „продажба“ на македонските национални интереси за да дојде на власт.

„Државата е една засекогаш. За секој од нас, немаме ништо против Албанците или кој и да е друг. Кога овозможивме бесплатни учебници и превоз, овозможивме за сите. Зголемени пензии, субвенции, реконстриураните улици, новите медицински опреми се за сите. Сè што правевме е за сите граѓани на Македонија“, истакна Тодоров.