Анкета на Фактор плус: ВМРО-ДПМНЕ со околу 4 отсто предност пред СДСМ

Коалицијата За подобра Македонија којашто ја предводи владејачката ВМРО-ДПМНЕ има предност од 4-процнетни поени пред коалицијата предводена од СДСМ, покажува анкетата „Политички барометар – декември 2016“, која во неделата ја објави агенцијата Фактор Плус Адриа од Белград.

Истражувањето на јавното мнение во Македонија е извршено во периодот од 28-ми ноември до 2-ри декември врз репрезентативен примерот од 1.200 испитаници кои биле анкетирани телефонски.

На прашањето на која политичка партија би ѝ го дале својот глас, од сите анкетирани, 27,6 отсто од испитаниците се определиле за ВМРО-ДПМНЕ, додека 23,1 процент се определиле за поддршка на опозициската СДСМ. Следува Коалицијата за промени и правда со 6,1 отсто, Коалицијата ВМРО за Македонија со 1,3 отсто.

Во албанскиот кампус, ДУИ е во предност со 6,2 отсто, пред ДПА со 4,4 отсто, а движењето БЕСА има поддршка од 1,0 отсто од испитаниците.

На ова прашање за „друга опција“ се определиле 5 отсто, не знаат за кого ќе гласаат 9,3 отсто, нема да гласаат 8,6 проценти, а одбиле да одговорат 7,4 отсто.

Кога станува збор за одговорите на само определените испитаници, редоследот е идентичен но со променети проценти. Така, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски добила 32,8 отсто поддршка, додека коалицијата на СДСМ на чие чело е Зоран Заев има 27,5 отсто. Кај македонските партии коалицијата што ја предводи Павле Трајанов – Коалиција за промени и правда добива на ова прашање поддршка од 7,3 отсто, а Коалицијата ВМРО за Македонија водена од поранешниот премиер Љубчо Георгиевски има поддршка од 1,5 проценти.

Кај албанските партии, ДУИ на Али Ахмети има 7,4 отсто, ДПА на Мендух Тачи – 5,2 проценти, а движењето БЕСА водено од Билал Касами добило 1,2 отсто поддршка.

Дека уште не знае за кого ќе гласа одговориле 11,1 отсто од гласачите кои рекле дека ќе учествуваат на изборите на 11-ти декември. За друга опција се изјасниле 6 проценти.

На овие две прашање му претходат одговорите на прашањето „дали ќе гласате на претстојните вонредни парламентарни избори“, притоа 63 отсто одговориле со „да“, 13 проценти рекле дека нема да гласаат, 10 отсто одбиле да оговорат, а 14 отсто уште не донеле одлука дали ќе излезат на гласачките кутии.