Улиците кои водат кон Бакингемската палата ќе бидат затворени во текот на смените на стражите почнувајќи од средата, според распоредот воведен по нападот со камион во Берлин во кој беа убиени 12 луѓе, соопшти полицијата на британската престолнина Лондон.
Смените на стражите се настан кој редовно привлекува големи групи туристи пред резиденцијата на британската кралица Елизабета Втора во центарот на Лондон.
Лондонската полиција во соопштението појаснува дека затворањето на приодот кон Бакингемската палата е „неопходна мерка за претпазливост“.
Затворањето било планирано во пробен период од три месеца, а стапува на сила порано поради нападот во германската престолнина во понеделникот навечер.
„По должина на затворените улици ќе бидат поставени дополнителни пречки за да се задржи безбедноста на движењето на стражата“, се наведува уште во соопштението на полицијата.
Во Велика Британија од 2014 година на сила се мерките кои се воведени „поради висока веројатност од терористички напади“.