Безбедноста на дипломатите е предвидена само на територијата на амбасадите, изјави рускиот претседател Владимир Путин во средата вечерта коментирајќи го отсуството на вооружено обезбедување крај рускиот амбасадор Андреј Карлов кој беше убиен во понеделникот вечерта на отворање изложба во турската престолнина Анкара.
„Постои општоприфатено правило според коешто вооруженото обезбедување на амбасада… дејствува само на територијата на амбасадата, и надвор од оградениот простор не излегува со оружје. Во тоа е проблемот. И тоа не е само во Турција, во повеќето земји е така“, изјавил рускиот претседател Владимир Путин на средбата со претставниците на двата дома на рускиот парламент, пренесува агенцијата РИА.
Путин додал дека во некои земји „земајќи ја предвид особеноста на процесите кои се одвиваат таму“, може да се договори за друг механизам за заштитат на руските дипломати.
Весникот Milliyet забележува дека во Анкара нема стандардна практика за доделување лично обезбедување на странските амбасадори. Таквите мерки се носат по индивидуални барања, а од руска страна немало такво барање, пишува весникот и додава дека амбасадорот Карлов на ваквите настани одел без обезбедување.
Според весникот, постојано лично обезбедување во Турција имаат само амбасадорите на САД и на Израел. Американскиот амбасадор го обезбедуваат специјално обучени луѓе, додека израелскиот го обезбедуваат лица од разузнавачката служба Мосад.
Убиецот, младиот турски полицаец Меврлу Мерт Алтинташ во галеријата влегол како полициски службеник, покажувајќи ја значката откако го активирал детекторот за метал со пиштолот кој го носел. Според последните полициски извештаи, тој последните две ипол години бил припадни на специјалните сили во Анкара, а од јулскиот пуч осум пати бил ангажиран во специјалната единици која се грижи за безбедноста на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, зад прстенот од личните телохранители.
По пукањето во амбасадорот и извиците на арапски јазик, откако насобраните ја напуштиле салата порачал дека „ќе го изнесат само мртов“. Тој подоцна бил застрелан од двајца припадници на министерството за внатрешни работи.