„Чоколадната војна“ во земјите од поранешна Југославија доби ново ниво, по српските чоколади во Хрватска, новиот проблем настана поради хрватска бомбониера во Словенија, пренесуваат хрватските медиуми.
Како што пренесуваат медиумите од регионот, хрватската амбасада на вработените во министерството за надворешни работи, па дури и на словенечкиот државен врв, односно на премиерот Миро Церар и претседателот Борут Пахор им испрати новогодишен поклон – бомбониера.
Сепак, словенечките дипломати и политичари не беа воодушевени и поклонот го оценија како недопустлива провокација. Имено, на бомбониерата од Краш, на која пишува „Поздрав од Хрватска“ има карта на Хрватска, на која границата со Словенија е исцртана на средината на спорниот Пирански залив.
„Со оглед на тоа дека границата помеѓу овие две земји се уште не е одлучена и е предмет на арбитража, министерството за надворешни работи ја врати бомбониерата на хрватската амбасада, и тоа во кеса на која имаше напишано – I feel Slovenia“, наведува словенечки Дневник.
Словенија сепак не размислува за испраќање на протестна нота, со напомена дека не сака дополнително да ги заострува односите помеѓу двете држави.